СО РЕШЕНИЕ НА АСНОМ: 72 години од усвојувањето на македонската азбука

0
3153

На денешен ден, на 5 мај 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеци Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик. Овие два датуми не се внесени во календарот за празници на Собранието на Република Македонија.

Нашиот великан Блаже Конески, чијшто заслуги за создавањето на македонската азбука и кодификацијата на македонскиот јазик се огромни, во една прилика беше рекол дека „Јазикот е нашата најкомплетна татковина”.

Кодификацијата на Македонскиот јазик е поврзана со следниве историски настани:
-со Решението на Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944) за воведување на македонскиот како службен јазик во македонската држава
-со Решението на Президиумот на АСНОМ од мај 5 мај 1945 година за македонската азбука
-со официјалното усвојување на македонскиот правопис – 7 јуни 1945

*Кодификација е прифаќање и систематизација на јазични правила и закони и пропишување задолжителна јазична норма. Таа претставува значаен чин во историјата на еден народ. Кодифицираниот јазик е нормиран јазик.

ASNOM-Resenie-za-Makedonska-azbuka
(Решение за македонската азбука, донесено на 5 мај 1945 година)

Македонската азбука е официјално писмо на територијата на Република Македонија. Базирана е врз кирилицата со одредени модификации приспособени на македонскиот фонетски систем. Современата македонска азбука се базира врз кириличната азбука на Крсте Петков Мисирков, а некои ортографски знаци се преземени од азбуката на Вук Караџиќ иако Крсте Петков Мисирков користел знаци за истите тие гласови.

Од азбуката на Вук Караџиќ се прифатени графовите за буквите љ, њ и џ, а сите останати специфичности се според препораките на Мисирков. Истите букви присутни се и во азбуката на Крсте Петков Мисирков, но со графички симболи л’ и н’.

Важно е да се напомне дека од азбуката на Вук Караџиќ се прифатени само графовите за буквите, но не и гласовите кои на овие графови им соодветствуваат во истата азбука.

Македонската азбука:
А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ, М, Н, Њ, О, П, Р, С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш
Мали букви:
а, б, в, г, д, ѓ, е, ж, з, ѕ, и, ј, к, л, љ, м, н, њ, о, п, р, с, т, ќ, у, ф, х, ц, ч, џ, ш

Уникатни букви
Македонскиот јазик содржи ред посебни фонеми (споредено со соседите); затоа, се јавува потреба од посебни македонски букви. Историски гледано, овие букви потекнуваат од 19-тиот век. Во своето дело ”За македонцките работи”, македонистот Крсте Петков Мисирков користи комбинации од г’ и к’ за да ги претстави фонемите /ѓ/ и /ќ/. Покрај тоа, буквата i тогаш се користела каде што денес се користи ј.
Буквите љ, њ и џ гледани по облик се од српско потекло, но нивните предци се јасно илустрирани во Мисирковата книга како л’ и н’, а во порани текстови како ль и нь (како во делата на Марко Цепенков), кои очигледно служеле како инспирација за современите адаптации. Изненадувачки, сè до крајот на Втората Светска војна, овие букви спарени со меки знаци се користеле наместо денес утврдените облици. Постојат индикации дека денешниот изговор на гласот љ како лј, всушност е наметнат од северните македонски дијалекти, додека оригиналниот изговор на гласот е мекото л, односно ль, како во централно-западните дијалекти. Така во Мијачијата сe уште се пишува и се изговара Лубе наместо Љубе.

Денес, буквата ” ѕ ” е единствена на македонскиот јазик, но мора да се спомене дека истата е многу постара

Сериозен поглед на македонската азбука даде многу рано, само една година по нејзиното официјализирање, Д. Томчев во списанието „Македонска мисъл“. И покрај некои внимателно изнесени забелешки (припишувањето на слоговна функција на р, можноста „вештиот набљудувач на живиот македонски збор да открива некаков степен на палатизација на согласките л, н, различна во таа на к, г“, која доведува до нивно различно предавање), неговиот генерален заклучок е многу позитивен. Македонското писмо „е изградено – вели тој – врз здрави научни и практични основи. Таква азбука е демократско-прогресивно дело, достапно на широките народни маси и лесно за усвојување“.

Заклучокот, пак, на еден од најголемите светски слависти на своето време Ф. В. Мареш, голем познавач на македонскиот јазик и негов вљубеник е уште подециден: „И македонската ќерка на Вуковата кирилица претставува еден од фонолошки најсовршените графиски системи“.

Овие оценки се изведувани врз определбата за принципот еден глас – еден знак. Македонскиот графиски систем е изграден врз здрави научни основи, со добар увид во традицијата и со уште подобар поглед во иднината.

Коментирај